Најпознатата македонска музичка група - легендарната „Леб и Сол“, има нов гитарист и работи на нов албум. Новоста беше соопштена во неделата во Охрид...
... каде “Леб и Сол“ работи на новиот музички материјал. Од сега, местото на Влатко Стефановски ќе го заземе Димитар Божиков. Останата постава на групата е непроменета, Гаро Тавитијан на тапани, Кокан Димушески-клавијатури и Бодан Арсовски-бас гитара. Старата постава на Леб и Сол информираше дека разделбата со Влатко Стефановски била коректна и дека причина за непродолжување на соработката биле личните планови на екс-гитаристот кој сметал дека групата повторно треба да се состави по 5 години. Бендот веќе имаше еден јавен настап со Божиков на прославата на 8-ми Септември во Скопје, каде настапи и новиот гитарист. „Реакциите од тој настап се позитивни“, истакна менаџерот на групата Златко Ристески кој информираше дека Леб и Сол интензивно работи на новиот албум во Охрид каде групата ќе остане до 20 септември. „Датумот кога ќе излезе албумот сеуште неможе да биде објавен, затоа што се работи сериозно и се додека Леб и Сол нема да биде задоволен од новиот материјал, нема да го соопштиме датумот на објавување“, рече Ристески. Групата денеска во Охрид го промовираше и новиот веб сајт http://www.lebisol.info/, каде во иднина ќе може да се погледнат информациите поврзани со бендот.  |