Од 19 мај ќе бидат пуштени во продажба влезниците за летните концерти во организација на "Авалон Продукција", кои ќе се...
... одржуваат под слоганот "И Македонија е свет - оди на концерт". Првото музичко име кое го означува почетокот на концертната сезона е балканската ѕвезда Горан Бреговиќ, чиј концерт ќе се одржи на 30 мај, а цената на билетите е 800 денари. Влезниците за познатиот британски бенд „Кошин“ (7 јуни) чинат 500 денари, а за девојката позната по дуото „Молоко“ - Розин Марфи, која ќе гостува на 14 јуни, обожавателите ќе треба да одвојат по 700 денари. На 5 јули настапува романското дуо „Моранди“, а цената на билетите кои ќе бидат пуштени во продажба на 19 мај изнесува 600 денари. Влезниците ќе може да се купат во Југотон, продавниците на Тобако и Камарад во Рамстор. Од "Авалон продукција" информираат дека капацитетот за овие настани што ќе се случуваат во дискотеката „Хард-рок“ е ограничен на 2.500 посетители по концерт. Засега се уште не е познато колку ќе чинат влезниците за настапите на Лени Кравиц и Ерик Приц, чии концерти се закажани за Охрид. Кравиц настапува на 3 август на Билјанини Извори, а Приц на 9 август во Градиште.  |