Колку пати ви се случило да купите лубеница, да изедете неколку парчиња и да ја фрлите затоа што не е доволно блага, или предолго стоела во фрижидер?...
Да живеете во Јапонија, тој луксуз не би си го дозволиле. Во Јапонија лубениците многу се ценат и не се продаваат цели туку исечени на резенки, а една осмина обично чини 150-200 денари. Помали лубеници можат да се најдат и цели по цена од 800 денари, но тогаш се спакувани во убава кутија, па можат да послужат и како поклон. На етикетата која оди со лубениците, задолжително се запишува, покрај регионот од каде што доаѓа, и колку е лубеницата блага. Тоа се одредува со едноставен метод на мерење, и на секоја лубеница е напишана "благата" вредност. Продажните центри се туркаат кој на муштериите ќе им понуди овошје со прекрасен квалитет и пакување со уникатен дизајн. Така на почетокот на јуни во Токио на аукција е продадена лубеница за 6.300 долари! Станува збор за сортата "Densuke", која се одгледува само на островот Hokaido, во северниот дел на земјата, а ја купил бизнисменот кој сакал да остане анонимен. Мистериозниот купувач изјавил дека мотивот му била желбата да помогне на локалните земјоделци. Densuke лубениците се темно зелени, поради што често и ги нарекуваат црни лубеници. Експертите проценуваат дека оваа година ќе бидат набрани 9.000 лубеници од оваа сорта, а онаа скапоцената, продадена на аукцијата, била прва од овосезонскиот контигент. На одржаната аукција најскапата лубеница е евтин залак во споредба со двете дињи од сортата "Jubari" од истоименото место на островот Hokaido. Дињите биле продадени за цена од 12.000 долари по парче! Значи, следниот пат кога на вашата трпеза ќе се најде вкусната наша лубеница, сетете се дека уживате во она што за Јапонците е несекојдневен луксуз! |